СЛАВКО ЈАНЕВСКИ. КАИНАВЕЛИЈА ДЛАНКА Оваа дланка нацртана од крстопати оваа дланка потешка од крвта на вековите оваа приказна трновидна. И што да ти раскажам за неа? Процутува болката на железата скорпион во сонцето лежи на песок танцуваат давеници времињата ги џвакаат житниците на сува рида без вода а потаму, од онаа страна на денот во просторот на заборавените стапалки темен се облак зададе од онаа страна на денот темен се облак зададе срцата со чемер да ни ги разблажи, и копита и топузи и челусти не стискаа во круг на непостоење еднаш и уште еднаш и пак потоа од сите страни Ѓорѓи сардисан очите да ги крева кон невратноста на оваа дланка трновидна. Оваа дланка плусковита од живот оваа дланка изморена од умирања оваа приказна соголена. Како да ја раскажам со приклано грло? Соѕвездија пасе златорог жабок над неа, мракот и дење погуст да ѝ стане за да откопува од мочуриште нокти и да се брани од својата мака и од Водици до Водици да го фаќа крстот за гроб на оние што никнувале од бадемови корења и опиуми далеку пред зелениот бајрак за на свадба кога оган ги јавал мијачките бачила и кога со крвавоока благост се кревале Брсјаците од осој секогаш, и пред тоа и по тоа раснеле повеќекатни гробови зашто болна била нашата Марика па околу тие Марики, веќе жални врби, се обвивал повит на паѓањата на оваа дланка соголена. Оваа дланка во допир со сите дна оваа дланка со грчења посеана оваа приказна засркната. Како да ја испелтечам испокинат? Триглава гуштерица и ги смука жилите на секој глужд прстен на ропството ајде сокол пие вода на Вардара и ајде ослепени сончогледови очи не поинакви од мајчини лица в црно зад кои копитата на проодноста го бараат излезот од непробојни кругови додека молните круни им плетат на загатливите осаменици и додека суводолиците крв сонуваат и раѓање на виноклики од тие крвја што љубопитно ги демне бескрајноста Ама каква е оваа Каинавелија на оваа дланка изгорена? Оваа дланка многугрижна оваа дланка ридолика оваа приказна несвршена. Како да ја отпечатиме на челата? ********************************* НАЈПРВИН НОЖ И најпрвин бездруго да ги отчепиме непознатите пештери на милениумите за да дојдеме преку коски и заблуди до себеси виличави до чекорот последен и потаму да се видиме меѓу дренки и оскоруши ние глутница над пресно мечешко месо додека во каделите на бизонските бради ни чаделе светулки и палеолитски скарабеи и гаснеле очи под сенка на каменен чекан но пред тоа да појдеме од јама на уплав кон соништата пред светлоста на првата песна и да се видиме како презреани паѓаме од ветки врз папра (на жените да им е помеко под нас) и да се видиме во врутоци сури меѓу полноглавци со кои сме лекувале глад и поштук додека скомињави искушенија не мамеле кон злокобништва од кои челата ни сјаеле црвено, да се погледнеме тогашни и да се послушаме додека со воздишки чинари од карпи сме корнеле Богови кога ќе ни подарите огнови од бронза или од незнамшто да го исковаме ножот човекољубиво во предиграта да си поиграме и да му го забуцаме на братот меѓу плешки да жугне како 'ркулец од златнорујни клобурци првата песна за дивите афиони. Такви да се видиме и да се чуеме слушате ли. Каинавеловци? ****************************** ПРОТИВЗАКОНСКИ ЗАКОН Козорога молна в жар спие под јасен по зајдиден шуплив гол тетреб се гласи (каков голем закон). Умираат млади умираат стари в мртовечки дланки грозд змиски се вари (каков голем закон). Тој петопрст пехар на дупнат штит стои под магматна кула нож се кали ѕвечав, вселенскава грутка на две ќе ја сечат внучињата твои (каков голем закон). И ни сон ни лулка ни гробишта. Пустош. Ни раѓања а ни умирања густи (каков голем закон). Зли гласови татнат од Невидум Крај е и Никаде Никои со сенки се дават, забуцана на нож последната глава в Неиднина зјае. Каков голем закон! *************************** ПАТ И пауница над облаци да спрегнеш ништо во колесник од нишки на изгрев ништо и стокрилен делфин да јавнеш ништо со крлушки од чинки и копнеж ништо и модросон жерав на грб да те земе ништо и срцето да го дадеш за откуп ништо потемно од крвав божур по залез ништо. Ништо и ништо и ништо и без сето тоа ќе стасаш таму кај што стасува секој на крај пат чиј пол е Ништо. **************************** ЗЕМЈА Од тајни недопрени измеси ја. ако очите ѝ се цвет на јаболкница и ако косите ѝ се лисја тутунови и ако со 'рж и пченка се покрива со тврдо срце меѓу афиони и сета од жили на руда и гранит тогаш крвта и е стара медовина. Таква како твоја и само твоја Земја и уште Земја човекова наречи ја Мајковина и не давај им на злоумниците да кренат секира на нејзиното стебло. Сечи, сечи ги... За да не ја исечат. И без колнење ќе ми поверуваш дека ни закланото стебло по вторпат не пушта младици. ******************************* ПЕСНА ЗА ИСЕЛЕНИКОТ КАИНАВЕЛИСКИ Животното на сонот бабри во тебе. Сино се усвитува и не знае што е будење. Се потпира на гнила праска рамнодушноста и се згрбавува белокоса. И реката свое умирање има. Трупот ѝ е пепел. И умирањето своја љубов има. Коренот во тебе ѝ е. Откопај ја планината од магли полесно метеорите да ги пречекаш на рамења. Засади песок во песок да жугне замок. Овде. Или не го слушаш плачењето на неродените синови? Дотркалај го сонцето на прастариот праг винородите да ти станат поврели од крвта. И не пуштај го утрото од раце. Тоа од прстите братската крв ќе ти ја излиже. Или чекаш, Каине иселенички, без тебе да дојдат чудеса? Чекај. Почекај си. Утре ни на гробот гроб не ќе му ископаш. Утре и сенките ќе бидат без сенки. Утре твојата ситост слатко ќе те излапа. Утре. Денес си сон во кожурецот на сонот. А јас кога ќе се разбудам ќе ја истресам земјата од глобовиве и ќе се прашам што се случило. И ќе видам во скришна осојница сенка распната. Каине македонски ќе се насмеам за умрените и сонцето е умрено. Авеле ќе затрепериш на пајажина чудесата се викале самоуништување. А обајцата ќе сме без кожи и не ќе можеме со нокти да се дереме. На голите прсти место нокти суши ќе се собираат. Чудно е, Каинавелио, чудно е како денес Каина и Авела не ги ничкосува утрешното ѕвоно на нивното умирање. *************************** PEKA Ова парче бел разбој во очиве... На него икрата платна распостила. Илјада крапови доаѓаат. Очиве се пристан на крлушки. Ова парче бел разбој во очиве... Не покривај ме со вжештени јаглени. Не љубам гламни со смирени перки. Немој, чесен збор немој. Ако ми се налутат рацеве вечноста ќе ти остане со куси ракави. Ова парче бел разбој во очиве е најголемата река на моите пеења. ************************* БЕЗИМЕНИК И во сите такви дни проклетството проклетства дои. На временски рабош бескрајна низа знаци. И бил кога бил и ако бил веќе воин сега е Штознамштое под 'рѓосан и беден панцир. И молчи: Секој глужд и секој грбников прстен и секој клобурник под преумново чело Станале памјат на болка и подбивен ѓавол ме крстел Бескрајно-Вечна-Рана на која и нема мелем. Ене го! На рудина лежи со ланско снеже в уста. Во гнилата дланка и топузот му е гнилост. Под петото ребро смукокрв пајак му пруса мешлест. И кондор на теме му потпрел бушаво крило. А мелничар кај смртта на овој Балкан се главив и мелев меса на крвоплискотен поток. Минало. Сега магла со примка душник ми дави. Од мене паднат на смрчки по беспат бега и злото. И кој е? Некогашник и ништо под пенушка на габер. На него ни конче кожа за волчица со суви боски со страв што завива ноќе далеку од породот додека чекаат закоп овие весели коски. забест додека чекаат закоп овие весели коски. И чекам. Кумот ќе дојде со подбив и јаречка брада со тиква полна вино од зелено поскочко ќесе да гледа како гладен глуждови свои ќе јадам под бессетилното небо в глина од глина месен. И со столетија ја чека својата умирачка втора. Под неговата скршена шија бели отрови зреат. Зад црногорицана густа дивојарци се борат тетрепски глуви и под оклоп на ѓаволска реа. Господи в брада ти пикам вчерашно машко месо вретенесто што било за удар подадено со мечот кога од небеса ќе цитнеш семе врз овој песок да ме покриеш еднаш подбивен горчлив и вечен? *********************** ТИЕ УБИЈЦИ НА ЧОВЕКОВИОТ СПОКОЈ Од икрите на покорот не ќе плисне сонот што те мачи. Попусто виножитото змиски славолак плете. Не чекам господарот на мракот повелба да ми врачи за насмев што не бил ветен. И нема кога ти велам прпелкав дождалец да сум. Под оваа стврдната кожа гори скомињаво месо. И ни крик ни скок ни протест колку и да сум касан. Стојам. Од мраќава една потежок за капка блесок. И така: патот ме носи очите кај што ме водат. Остави ја својата примка за своја свечена кравата, Туѓа ми е да простиш лигурникавата ода од просектурата во која песните се заклани јата. Стојам. И стојам и чекам. Осуденик пред последен чекор? Никако. Морето мое со гусарски повик ме мами во алги и корали во струи и нимфино млеко. Добро е без вас да сум и вие без мене. Сами. И стојам од веда до луња. И пловам од луња до веда. На српон небесен Пејо нозете си ги ниша. Насмеан од Сатурн до Венера итрецот шашливо ме гледа и мисли самите и в магла капка безизлез ќе вдишат. И се провева зјапач на Уран потпрен со теме од каците на вековите до апатичност пијан. Наеднаш далеку негде глув е за чекорот земен, под перика на достоинство и ушите му се кријат. Потоа? Никому ништо. Кон билјето на Андромеда ќе појдам низ кристален сињак со хи-хи-хи- аксиома. Во хаосот на редот по четврток доаѓа среда. А тој кон што се стреми наеднаш до гуша тромав? ************************ ДЕЛ ЗЕМЈИЧКА А ИТАР ПЕЈО Ѝ ВРАЖА „Галичник село големо." Во море на неутеха каменот ти е нурнат. Ако е смрт е смрт. И бавна и метеорски дива. Сето пепелиште твое е грст во најгнила урна. Во таква урна можеш да го збереш и својот живот. Подај ја дланката и молчи. Ќе ти вражам. На неа брчки и брчки. Под секоја плуска белег. Читам горчливости минато црно ти блажат додека секој бог на парчиња те делел. И нејака или каква низ сето време си била и пци и красти те јале. И гола на синџири пцешки врзана со последна жила си била претешка тајна и за поџиновски плешки. И те има. И те нема. Нема од утроба рикаш. Сплетена в мрежа на пиреј гроб си на гробја и беда. И каменот прав ќе ти стане. Неврат ти е на сува лика. Ни пропаски гладни на теме не ти седат. Па пустош, чедо на пустош, на дното ти се коти. Од кога и да било денес си повеќе вчера. Свадбарскиот тапан под мртви жалфии се скротил и само вештер и ветар заемно кожи ти дерат. И круг. Во кругот крукче. Во него празно. На огнена кобила стравот над тебе е јавач. Ноќва последен пат си под точка разно. Добра ноќ, пустино пуста. И мене јанѕи ме дават. ****************************** ЛУЊА Тоа Пирин ли брза да каже дека Егеј се влива во Вардарско море? ***************************** ТОГАШ ЌЕ УМРЕ И ЉУБОВТА Земјата ја пасе тревата земјата ги лапа дрвјата. Ќе се налапа зелено и ќе си го постеле каменот да се исонча. На тој голеж мисирот со песна лебедот ќе го посрами водата во песок гроб ќе си подлока секирите до небо ќе го кренат знамето. Пред поетот лирски да запцуе срцето со заби ќе си го сомеле и со нокти по мевот ќе загребе Владо македонска каде ти се шумите? Тогаш ќе умре и љубовта. Зашто луѓето сѐ погусто коренот си го брстат. Едни одат други доаѓаат и се прогласуваат за секири. *************************** РАПОРТ ПРЕД ПРОЛЕТТА Од нога на кафеанска маса вјаса да про'рти пупка. Чудно! На кланица рика заклан бик по крава. Чудесно! В сребрена конзерва спрломена риба шиба златна икра. Чудотворно! Земјата е трудна в блуд на зелен пожар. Чудовишно! А некого нашле обесен на преѓа од копнежи (грубо!), на именката на именката на именката и за окото сончево глочка замислете на именката љубов! Во Каинавелија тој заприлегал, витосницо, На Долг Тодор без коски. Точка. *********************** СИНАЈА 1 Билион вулкани под самата кожа. Им копаш рани. Две мали голготи под голото грло. Како на крст легнуваш на нив и не чекаш воскрес. Тие се надраснуваат. Зовриваат. Препенуваат. Во папокот маслинка темна. Подолу пристан на светиот грев. Таа, Синаја, е вино на цедени сонца. Ја пиеш со прсти. Истечува од стиснати шепи и пак е куп сонца. Легнат си. И жеден. Таа ти се враќа по сите свои делти. И пак и ги сркаш бедуински празен воздишките густи. И знаеш: молчењето твое знае во утробата корен и пушта глад на камила млада. И знаеш: на секој колк за скок и трае пурпурна газела. И знаеш... И што ако знаеш дека заради таа Синаја со таа Синаја на дното на твојата песочна кула морници врз морници лазат. И знаеш: ќе се откажеш од шепотот од шепотот на дивите палми или и самиот ќе си палма, мрак над една жена. Ти или јас, сеедно, или Пејо итрецот улав или кој и да е. Човек, змија, хиена. ******************* СИНАЈА 2 И сепак кокосов бокал под бурнус носи. Во него нектар од пелин и ѕвезди. Ја барам од дуна до дуна ибис меѓу трски извор без оаза мрамор под кристален песок. Лулката на невозможното ми открива загатки исконски и ноќи в месечарски раса. Синаја, и корен и стебло и стеблак, го учам Архимеда во каца со вино а ни сенката не можам да ти ја стасам. **************************** СИНАЈА 3 Била еднаш една Синаја. И ме имала. Те немала. Ја немам. Дното на Билопанебило дел нејзин крие. И паметиш нели лежеше, давеник под далгите на нејзината коса Од прстите и денес лава ти бие па ревеш под пирамидите на осаменоста Синаја во крепоста на дивиот костен Синаја во мрежите на 'ржените шари Синаја во молитвите на немиот камен дојди гром да ти ја оплоди голотијата. И ја бараш. И ја барам. Синаја од Синај на сонот мој таен, сегде си те нема. Како да те земам јас со раце долги фенер од Сатурн што палам? Ноќе да те барам во школката на макот или во грашоково зрно, приказно мала. Како да те најдам кажи ми навистина кажи ми како? ******************************* СИНАЈА 4 И сиот Балкан е тоа асуанска шифра и — ништо. И сиот Балкан е пустош и страв и мрачева и — ништо. И паѓам од камен на камен од пол до пол и — ништо. Маглата ми е знаме. Па слегнете еднаш во мојата крчма меѓу волшебни никаквеци со по две срца под голите обрачи слегнете, потсмешливи богови. Ако не дојдете, ќе си се поиграме слични на ноемвриски елени со сточапарести рогови. Всушност решително молам од молните пламено млеко. Дајте ми вселенски билет, ќе ја побарам и в пекол. ************************** СИНАЈА 5 Коњи проѕирни коњи спрегнати во двоколка на заборав ме носат од мојата песочност кон неспокој на палми неборасни низ ветрови заседи и низ безнадежности додека една низија запалена името ти го повторува додека една врлетија од еха затруднува додека на седмото небо му пукаат жилите по дожд да пробиеш од дланкиве. Во скок се коњите огноноздри, над секоја бездна ги чека злоклуклукник орел со очи на испосник што никогаш не ќе ми каже ќе никне ли под мрак од пепел ќе никне ли рака зелена името со трепет да ти го напише со бело по црно со црно по бело. Оваа проклето портокалова есен без капка сонце ќе умре на моето мртво чело. А кога тоа ќе се случи во моите песни ќе се разбудат жените војниците арамиите сеачите грабачите проклетниците калуѓерите и хулиганите и ќе се наведнат сонливи без молитва дури и без воздишка и пред да ја заземат крчмата на крстопат бројгеловски призрачни и потсмешливи ќе речат така му требаше. Во тој миг, Синаја, во тој миг ќе спласне топлиот леб под твојата блуза и ти (заедно со мене) ќе си уште само граница на заборав. Уште само тоа, Синаја, само тоа, тоа... **************************** СИНАЈА 6 Со глава во звучен ѕид – па главата или ѕидот. Потоа безглав космоски аргонаут. Главо со прсти шараш глувонемски знаци по патот како без тебе ќе барам? И веќе се ближиш спирално кон својата конечна точка граница на поинаков почеток граница зад која нема ни влакно од златното руно ни капка од таа Синаја. Тогаш ќе се знае, Синаја, дека тој бил монструм на тагата и тогаш владата на човештвото ќе испрати дванаесет аерофлоти по бескрајната модрина да собираат за музејот на иднината пцости и воздишки. *************************** СИНАЈА 6+1 И кој знае кој ќе се тие што ќе седат на дабова трпеза меѓу лавандули и со нектари в раце кога среднок петел ќе ја објави средноќта на сите времиња и кога шестмина жолтокожи ќе зачекорат по просторот на изгубеноста носејќи го ковчегот од сребро и пајажина со мене предолг и прилегнат под заборав. Потоа други шестмина ќе се наведнат и ќе ми забуричкаат под закопчаноста. И кој знае на кој бог ќе му се помолат кога како грутка ќе те ископаат недопрена ни со крило на шепотење, ќе те ископаат од морето на мојата сокрвца таму оставена безкаматно на чување. Гледаш ли ноќите меѓусебно се разминуваат и до неврат одат кон сонување. ************************* ЧЕДОМОРКА Во тој миг со навев дојде горчливиот мед на пелиновиот благослов додека времето за миг ги спушти своите патерици на папра. Се повлече тишината пред плачот на чедото крикот на малолетната мајка кај што запра. На розовиот снег името во шифра ѝ легна и се беше записник од рујни капки и се беше без доказ и сведок Копиле ко- пиле удар на дамар копиле ко- пиле остана сама над потокот окован со мразја таа под вода тоа немо и бледо. Предавството венец од очај и сплете подоцна негде под манастирот урнат: од икона плачот Исусов го слушна (ниедна риба не станала дете, ниедно дете не станало риба) и млекото под елек в несопир и џбурна. Легна на скрка белутракова како лишај крвава, крај неа се згрчи сонот Копиле ко- пиле копиле ко- пиле од спласнатата утроба и липаше пукнатото манастирско ѕвоно. И ги покри дојките со смрзнати дланки да го врати млекото, тој конец свилен, во пукнатите пупки на мајчинството ... И слична на премалечка мадона рече Да тоа беше како пиле. *************************** ФРЕСКА Макарие и Огнена Марија Пахоние и Пеларија Европие и Евдокија Исидор и Итакија а Мирон и Еразмо и Стратилат под себе ја соборија суви од глад и патила маченицата од Аморија и се струполија в олтар страсни и посветени јагулести до влакно преплетени со шилести јазици бревтајќи по нафора од женско-машко месо, кој по што веќе се грчел, ребро со ребро до мездра се трие секој над секоја во поткова е свиен крвогладни и месожедни едните скобели другите мрени од вар и влага и болка и плесен не веќе светци секако сега и мажи и жени (совитливи вретена во бунар тесен) и секој во секоја копа Глобоко во тебе орам и секоја под секој е распетие Орај ме орај ме орај и одѕива сето столетие Оралово ми е... Оралово ти е... И до матната зора оралото им би благословено. А кога во манастирот се спровре првиот зрак, несопир-змија, во олтарот се нишаше на козји нозе отец Симеон пијан. Господи и во ова лето помина најпосниот петок. *********************** ЗАСПАНА ПРИКАСКА Во ковчег од алабастер те чека. Под десната клепка и лежи вчерашната причест. Под левата на мраз изповедта и се постила. Десната дојка е пепел. Под пепелта надеж. Левата е надеж. Под надежта пепел. На усни в јантар и се згуснало млекото на заборавените есени. Под неа празно. И над неа. Зборовите ѝ раснат од Немаја. Чекај ја. Од смола на неспокој меси ја и ткај ја стројна. Дојди искината речи и од некоја монгузаба војна. И ќе дојде. Ќе никне од солена портокаловост на море 'ржовито со твои дланки мерено по сушите, ќе дојде кога ќе дојде тромаво по гнило шупливиот гуштер на Ќебидеме. И ќе ја чекаш зад бариерите на искушенијата. Ќе дојде и ќе ти ги фрли на постела од лисја пелинови гримизните боски да си поиграш. И кога јама ќе ти подаруваат ќе почнеш со неа бездруго да ги раѓаш своите синчиња. Кажи сега не ли ти доаѓа да ги забуцаш и споулавеноста и мудроста во искушенијата ултрамаринени? Те обвинувам, прикаско на детството, што си ми истекла низ прстиве. ************************* АНАТОМИЈА Потоа ми кренаа споменик љубов моја за да не станам од под него. *********************** МОЗОК Коренот му тече до предкамени времиња. Врежите му се плеткаат по галаксии. Ќе се искапе на дно море и ќе се обеси на ѕвезди да се суши. Низ него во круг се вртат формули. Секоја онаа пред себе за опаш ја влече. Умен сум споулавено трепети Улав сум со мудрост се покрива. Ако сака и на планетава до глава ќе и дојде. А може и сушите во реки да ги престори. Понекогаш само понекогаш додека клобурчаво во свој кратер врие се прашува ќе создаде ли блескави соѕвездија ако и себеси во атоми се растури. Навистина во секој миг понекогаш. *********************** ОЧИ Се извртуваат љубопитни. Сакаат во себе да ѕирнат на свој извор со солзи да се искапат. Попусто им е, љубов моја, попусто. Изворот со сокрвца се оклопил. Сега со клепки по многуте тајни копаат и бараат да им се раскаже прикаска за слепилото. И така темницата на копје им е крената. Течат. Ќе претечат. Зашто не ги испиле светлопадите на сите вселени. Потоа во глобовите ќе им прилегнат грутки иловица под сув босилек, бели китки под твоите солзи. *********************** УШИ Левото не слуша за што молчи десното. Десното се џапа со тишина да го заглуши левото. Пред чекор на закана се морничават. Се креваат на прсти — сама, главата нека се удави. Но кога бушави луњи и громови чашите ќе им ги преполнат обете в пресен гроб скокаат. Да ја видиш тогаш сиротата глава се напрега со уста да им го слушне пеењето додека во молитви се дават. Без глава ушите се поумни. ******************************* ЈАЗИК Кога главата ќе ти се стркала под дното на животот и устата ќе се отвори за нечујна воздишка јазикот умно се подава да и ги излиже раните на земјата. Со свој мелем дрвјата ги лекува со свој мов каменот за топлина го обвива со своја благост соленото море го смирува. Како појас континентите ги обвива. Kora ќе се наскита се враќа кон своите корења обогатен со мудроста на вечната смиреност за да помолчи на хебрејски на ерменски или на македонски. Сеедно, љубов моја, на сите јазици јазикот еднакво молчи. Така и молчењето си го премолчува. ********************** ГРКЛАН Кога е жеден песните си ги пие. Во подземјето е бог на својата светлост на светлина крваво расцветува. Кога нож во преградка ќе сони од својот бунар со крик изрипува. Ќе се смири. Ќе се покрие со пцост. И ќе остане нурнат во себе. Кога ќе истине мравки до ноќ го дупчат да посвири на шупелка северецот и да ја забуца в појас присокриен чекајќи да се огласат други грклани на пат кон пеења или кон јамки или кон целивки како кој што ќе одбере и како што ќе му одберат. Да му ги оставиме стапиците на срцето. Гркланот заради бунтови е прочуен. ****************************** СРЦЕ Сочувај ја легендата за него. Тоа патува со ветерни мелници. Натопи го со оган на намери назобај го со искушенија скрши го на две како бела погача. Едната половина закопај ја со првата љубов другата во кафез од магли затвори ја. Птицо речи и птицо исплачи ми ги празниве гради а самиот исклешти се. Те убедувам во празнината на ребрата поудобно ќе се смести твојата сенка. По светов премногу сенки лазат. ******************************* ДРОБОВИ За појадок во јагленокопи си ги јадат рабовите. Кога им е здодевно со глава ги уриваат ребрата. Брзаат да легнат на трпеза. Легнати, малку сонце испиваат. Чекаат да дојдат некои под шлемови со лажици од шрапнели претопени виножитата да им ги исркаат. Ќе се сврши гостењето. Од зад пукнато стебло маслиново безглав трубач ќе се исправи и ќе го соопшти предвечерјето. Тогаш над рововите ќе се распливне млаката пена на заборавот под која, љубов моја неутешна, Ќе џавне лисец црвенозаб в шума на коски недоизгниени. Наведни се и побарај го медалот за кој ти пишував. На едно е од ребрата свиени. *************************** СТОМАК Да го видиш само окото на папокот како занесено зјапа кога бара посестрима. Сепак стомакот неуморно себеси се џвака. Ќе се засити и прежеден, љубов моја, ќе си ја излока сплинката со јазикот на копнежите. Но кога и од жолчката ќе исцица златни метафори на глад и беснило ќе се изврти од возбуда усвитен и ќе залипа по негнилост. Таквите дни се секогаш дождливи. Тогаш од облаци неисплаканост врне орлите в лет со клетви да се напојат и со последна песна што ќе ја чуеме ќе попаѓаат на брег непознат на кој без корен гинат копнежите. Утре ќе е предалеку денешново Сега предалеку ќе е, љубов моја, предалеку.